Привилегирани во Пјонгјанг, а на црни листи во светот, двајца севернокорејски научници, фотографирани со лидерот Ким Џонг Ун пред нуклеарниот тест во неделата, имаат витална улога во нуклеарната програма на Северна Кореја, сметаат експерти.
Фотографијата, објавена од официјалната севернокорејска агенција, на само неколку часа пред тестирањето на хидрогенска бомба, ги покажува двајцата научници: Ри Хонг Соп, шеф на Институтот за нуклеарно оружје на Северна Кореја и Хонг Сунг Му, заменик директор на индустријата за муниција.
Неколкумина експерти сметаат дека токму тие двајца се предводници на севернокорејската програма за производство на оружје за масовно уништување, по налог на лидерот Ким Џонг Ун и неговата амбиција, да развијат интерконтинентален балистички нуклеарен проектил, со дострел до САД.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Јужнокорејскиот професор на Универзитетот за севернокорејски студии во Сеул, Јанг Мо Џин, вели дека е познато оти тие двајца научници имаат блиски односи со лидерот Ким Џонг Ун и оти тој води специјална грижа за нив и ги промовира во членови на Централниот комитет на партијата.
„Откако Ким Џонг Ун се определи за стратегиска намера за директно справување со САД, преку обезбедување статус на нација со нуклеарно оружје, Хонг Сунг Му и Ри Хонг Суп добија важни улоги“, вели професор Џин.
Во јануари 2016, Хонг и Ри, добија медали и беа наградени лично од лидерот Ким, на церемонијата на која се одбележуваше четвртиот нуклеарен тест.
Од друга страна, Хонг и Ри се на црна листа на Обединетите нации, САД и Јужна Кореја за нивната улога во свернокорејската нуклеарна програма.