Кинескиот претседател Кси Џинпинг ги повика земјите од групата БРИКС да се обединат во борбата против растечкиот трговски протекционизам во светот, на самитот кој се одржува во сенка на обновените тензии на корејскиот полуостров. Тој ова го изјави пред официјалното отворање на самитот во југоисточниот кинески град Ксиамен, но поголемо внимание предизвика неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин на маргините на собирот. Кинеската агенција Ксинхуа јави дека двајцата лидери разговарале за растечките тензии по последниот нуклеарен тест на Северна Кореја. Тие остро ја осудиле акцијата на Пјонгјанг и се согласиле "да се придржуваат до целта- денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, да имаат тесна комуникација и координација и соодветно да одговорат" на тестот.
Лидерите од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка се присутни на самитот кој завршува утре. Ова е деветти состанок на групата растечки економии во која всушност се претставени 40 насто од населението во светот.