Зголемениот број починати бебиња - аларм за здравството

Клинички центар во Скопје, државна болница.

Наместо да се префрла вината од партија на партија треба конечно да се детектираат проблемите и да се превземат мерки за да се намали смртноста на бебињата во Македонија

Црниот биланс од 8 починати новороденчиња и деца за една недела треба да ги алармира здравствените институции да ги детектираат проблемите во здравствениот систем и да се види дали недостасува екипираност, опременост, просторни услови за работа или ниво на стручност.

Деновиве партиите меѓусебно си ја префрлаат вината за лошите сосотојби во македонското здравство, но лекарите велат дека тоа е хроничен проблем кој се провлекува години наназад. Лекарите укажуваат дека практика е пациенти од цела Македонија да доаѓаат со најтешка патологија во Гинеколошката клиника на Клиничкиот центар од Скопје.

Тие укажуваат дека приватните болници и сите други болници бремените жени со мали бебиња ги праќаат на клиника, а и самите родители не може да си дозволат таков трошок и оти затоа е зголемена концентрацијата на предвремени породувања на новороденчињата кои немаат шанса да преживеат самостојно и покрај напорите да им се овозможи тоа.

„Во однос на смрттноста на бебињата на гинеколошко- акушерската клиника на Унуверзитетската клиника мора да се нагласи дека се работи за бебиња кои се породени од многу тешки бремености со тешка патологија кои тука завршуваат од цела Македонија и од приватни и од државни институции. Се што е најтешко завршува тука“, вели Др. Снежана Георгиева од Гинеколошката клиника

Уште еден од проблемите кој е споменат од лекарите е недостатокот од гинеколози во примарната здравствена заштита и немање адекватни регионални здравствени центри. Потребни се регионални центри и да се зајакне примарната нега кај бремената жена кај матичните гинеколози на кои треба да им се овозможат поголеми можности велат лекарите.

Исто така тие укажуваат на фактот дека за Гинеколошката клиника во Скопје проблем е што има многу малку персонал особено медицински сестри, но потенцираат дека се работи професионално и со натчовечки напори. Здравствени работници велат дека откако се направи новата болница не е вложено во персонал и оти недостасуваат медицински сестри.

Покрај ова упатените нагласуваат дека проблематиката е тешка бидејќи се работи за многу мали бебиња. Тие посочуваат дека важно е во статистичките податоци да се наведе во која недела од бременоста се случила смрттноста на новороденчињата и дали е таа резулатат на предврено пораѓање бидејќи во многу случаи тоа настанува поради инфекции, а тие зависат и од здравствената култура на трудниците.

Инфекцијата кај мајката која е причина да почне предвременото породување се пренесува и кај детето, велат лекарите. Тие објаснуваат дека се борат со совладување и на сепса и со незерелоста на детето.

Во меѓувреме, комисијата која беше формирана да го испита случајот со трите бебиња кои минатата недела починаа на клиниката за гинекологија се произнесе дека тие не можеле да преживеат поради бројни здравствени проблеми на мајката односно дека се работи за бременост со висок ризик проследена со дијабет и зависност од инсулин, хипертензија и инфекции, посочувајќи дека сите тие фактори ги намалуваат шансите за преживување на новороденчињата.

Опозицијата побара оставка од министерот Таравари тврдејќи дека смртта е поради нестручниот кадар. Тој пак, одговори дека состојбите се наследени од 11 - годишното владеење на ВМРО ДПМНЕ

Последните податоци од Државниот завод за статистика од 2016 година покажуваат дека деведесет доенчиња умреле во третото тримесечје од годината, што е над двапати повеќе во однос на истиот период од минатата година кога починале 39 новореденчиња. До октомври 2016 година умреле вкупно 206 бебиња , 18 повеќе во однос на целата 2015 кога имало 188 умрени доенчиња.