Секретарот Матис на состанокот во Вашингтон со министерот за одбрана на Јужна Кореа Сонг Јунг Мо рече дека Соединетите држави никогаш не биле надвор од дипломатските опции.
„Не, ние никогаш не сме надвор од дипломатски решенија, ние продолжуваме да работиме заедно, а министерот и јас ја делиме одговорноста да обезбедиме заштита на нашите народи, на нашето население и на нашите интереси“.
Претходно, претседателот Доналд Трамп исклучи секакви дипломатски преговори со Северна Кореја, порачувајќи дека Соединетите држави 25 години разговараа со Северна Кореја и оти „разговорот не е одговор“.
Во вторникот Северна Кореја лансира уште една ракета која може да носи нуклеарна боева глава, овојпат директно насочена над Јапонија.
На овој потег се гледа како на покажување инат од страна на лидерот Ким Џонг Ун во врска со претходната порака на претседателот Трамп кој го предупреди дека доколку продолжи со ракетните проби ќе се соочи со „оган и бес“.
Во меѓувреме, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров побара од Соединетите држави да се воздржат од воена акција против Северна Кореја.
Тој имал телефонски разговор со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон. Лавров, како што соопшти руското министерство за надворешни работи, му рекол на Тилерсон дека секаква американска воена акција против Северна Кореја ќе биде „полна со непредвидливи последици“.
Тој исто така му порачал на Тилерсон дека евентуални натамошни санкции врз Северна Кореја ќе бидат контрапродуктивни. Јапонија по лансирањето на ракетата врз нејзинот северен остров Хокаидо побара дополнителни санкции врз Северна Кореја.
Советот за безбедност во вторникот на итната седница го осуди Пјонгјанг, но не побара нови санкции.