Членовите на собраниската комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разунавање (АР) од СДСМ на денешната седница побарале информации од двете служби за насилствата од Собранието од 27 април и за дипломатскиот скандал со Србија.
Пратенциите побарале информации за улогата на институциите во насилствата во Собранието, додека за случајот со Србија била побарана информација за можната вклученост на луѓе вработени во УБК и АР.
"Побаравме да ни достават информации за одредни причини, конверзации и контакти и се она што е од интерес за Македонија во градењето на добрососедските односи и меѓународното позиционирање да има аргументи на издржана политика, а не на политика заснована на дезинформации " изјави пратеничката на СДСМ и член на Комисијата Фросина Ташевска – Ременски, по седницата.
Комисијата расправаше за извештаите за работата на УБК и на АР за 2016 година, а седницата траеше речиси три часа.
На барање на претседателот на Комисијата, Трајко Вељаноски седницата беше затворена за јавност, зашто податоците во извештајот се класифицирани со степен на „Државна тајна“.