Постои политичка посветеност за интензивирање на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и продлабочување на економската соработка, порачаа премиерите на државите од Западен Балкан од неформалниот самит во Драч.
Македонскиот премиер Зоран Заев истакна дека определбата на Македонија е за интензивна регионална соработка што ќе го олесни движењето на стоки и луѓе и ќе придонесе за развој на нови идеи и проекти што би можеле да бидат привлечни за инвеститорите од Европа.
Заев исто така рече дека имале пријатна билатерална средба со српската премиерка Ана Брнабиќ и оти добил покана за државна посета што веројатно ќе ја реализираат во ноември по завршувањето на локалните избори во Македонија.
Во однос на спорот за името со Грција, Заев изјави дека до крајот на годината очекува да има нови идеи од Нимиц за решавање на овој проблемот и оти е убеден дека позитивниот амбиент што постои во целиот регион и позитвниот однос на Македонија со сите земји од регионот може само да бидат од полза за решавање на чувствителното прашање.