Секое намалување на трошоците е добредојдено

Враќањето на евтина струја преку ден и укинувањето на радиодифузната такса ќе им помогнат на посиромашните граѓани и на ранливите категории.

Новите мерки на владата со кои се укинува радиодифузната такса и се враќа евтината тарифа на струјата се добредојдени, особено за посиромaшните луѓе како социјалните семејства, пензионерите, неврaботените и стечаjните рaботници, комeнтираат македонските граѓани. Во услови на економски нестабилна ситуација, секое намалување на трошоците е добредојдено, велат тие, но има и многумина кои дополнуваат дека се потребни и други мерки во насока на подобрување на социјално економскиот живот во државата. Некои истакнуваат дека добра вест е што владата проценила оти со враќањето на евтината струја нема да се зголеми нејзината цена, но се жалат дека услугите на јавните претпријатија не се на потребното ниво.

„Каков што ни е стандардот, олеснување ни е, и струјата и таксата. Радиодифузната такса ми е бенефиција, бидејќи плаќам и за фирмата и плаќам и дома. Не е малку. Годишно е 2.280 денари, не малку. На две места кога ќе ги собереш се речиси 4000 денари.“

„Сепак е олеснување, денес пензионерите се дома и многу луѓе не работат, таман во тоа време ќе искористат да зготват, олеснување е во секој случај.“

„Па мислам дека многу повеќе треба да се направи за нешто да има ефект. Кај сиромашните ќе се осети, што крпат крај со крај. За средната класа нема некој голем ефект. Поквалитетни услуги да се добиваат на шалтер кога ќе отидеш да завршиш работа, а не да те препраќаат“.

„Тоа е добро зашто народот нема пари, младите кај да работат. Поскапа струја од кај нас нема, овде земаат луѓе 100 евра плата, а 200 евра плаќаат струја. 50 години имам, ни работам ништо“, велат анкетираните граѓани.

Евтина тарифа на струјата ќе има секој ден од 14 до 16 часот и ќе изнесува 2,78 денари за киловат час, односно ќе биде двојно поевтина.

Во сабота и недела, како и досега евтина струја ќе има цел ден, како и преку ноќ од 22 до 7 часот.

Економистите истакнуваат дека кога се зборува за стандардот треба да се има предвид структурата на потрошувачката на просечните семејства кои живеат во Македонија. Според европската класификација, во Македонија најголем дел од буџетот едно просечно семејство го троши за основни човекови потреби, храна, пијалоци, облека и трошоци за одржување на домаќинството во што спаѓаат и сметките за електричната енергија и за радиодифузна такса. Околу 70 насто се трошат за основни потреби, а за здравствени услуги и рекреации трошиме многу помалку во споредба со западните економии, вели професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје.

„Ако гледаме од оваа гледна точка, ако се намалат трошоците поврзани со овие основни животни потреби на човекот како што се трошоците за домаќинството кај што се и укинувања на таксата и враќање на евтината струја, се разбира дека за посиромашните слоеви на населението би имало некој социјален ефект, односно ќе овозможи поголем расположлив доход да употребат за некоја друга намена која дотогаш не успеале да ја искористат“, вели професор Треновски.

Тој додава дека најавите за реформи во насока на зголемена социјална држава треба да бидат надополнети со реформи на јавните услуги.

„Треба да се обезбеди ефикасна јавна услуга, доколку планирате со даноци да собирате приходи со кои ќе ја финансирате јавна услуга, а не го правите тоа директно од граѓаните да си ја платат радиодифузната такса или да си ја платат струјата поскапо вие мора да обезбедите ефикасна јавна услуга“, вели Треновски.

Според него, во иднина од суштинска важност е да има реформи на повеќе нивоа во државата и граѓаните да добијат многу поефикасна услуга од досега. Професор Треновски истакнува дека јавната администрација и јавните услуги треба да имаат таргети кои треба да ги постигнат.

„И да мериме колку се исполнуваат тие јавни услуги, а не само да ги префрламе на буџетот каде што можеме дополнително да го оптовариме буџетот, а ефикасноста на јавните услуги да биде сè уште ниска“, вели тој.

Треновски дополнува дека проблем е што досега не се направени мерења на капацитетите на јавните претпријатија и колку граѓаните се задоволни од јавните услуги како на пример во здравството, образованието, итн.