Известувачот за Македонија во Европскиот парламент и член на Делегацијата за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Србија, Иво Вајгл, денеска предупреди дека тензиите на Балканот нанесуваат штета на регионот и на перспективата на процесот на проширување на ЕУ.
"Во овој момент, во многу земји членки, можеме да видиме зголемено колебање кога станува збор за процесот на проширување и фокусирање на консолидација на Унијата, која е погодена од Брегзит, финансиската и бегалската криза. Нешто најнепродуктивно што можат земјите-кандидати да направат е да ги зголемат меѓусебните тензии и да се свртат кон традиционалната нетрпеливост, заснована на историски или псеудоисториски прашања" изјави Вајгл за Танјуг, по повод политичко-дипломатскиот спор меѓу Белград и Скопје.
Според Вајгел доколку регионот сака да ја задржи перспективата за проширување жива, мора да се претстави како хомоген, привлечен како пазар, но и доверлив партнер, кој ќе претставува додадена вредност на европската стабилност и безбедност.
"Тензиите, полемиките и повикувањето на старите меѓунационални расправи се опасни и штетни за сите земји кои во нив учествуваат. Би било корисно кога лидерите на Балканот би биле свесни кога влегуваат во радикални вербални конфликти со соседите", рече Вајгл