Владата на денешна седница, согласно член 41 од Законот за јавно обвинителство, му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител, потврдија од Владата.
Според членот Собранието по предлог на Владата го огласува именувањето на јавниот обвинител во Службен весник и во најмалку два дневни весника, од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
Кандидатите имаат рок за пријавување од 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник". Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.
Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот.
Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.