Неколку стотини жители на Тетово денеска со протест го изразија своето незадоволство од, како што рекоа, неспосбноста и непреземањето мерки од страна на локалната власт по избувнувањето на вчерашниот голем пожар на дивата депонија што ЈКП Тетово ја користи како претоварна станица на влезот во градот кај железничката пруга што минува покрај силосите на Жито полог.
Протестот започна на градскиот плоштад за потоа присутните да се упатат пред општинската зграда каде фрлија кеси и полн контејнер со смет.
За време на движењето по градските улици и пред општината тие извикуваа Сакаме да дишеме, Еве ви го ѓубрето, а скандираа и Оставка и затвор градоначалничката Теута Арифи. По околу еден час присутните на протестот се разотидоа, но најавија дека со протестите ќе продолжат и утре.
До денешниот протест на граѓаните организиран преку социјалните мрежи дојде откако вчера, во текот на ноќта и утринава чадот од депонијата се ширеше и го прекриваше целиот град со голема смрдеа.
Градоначалничката Теута Арифи, по завршувањето на протестот, посочи дека состојбата со пожарот што избувна вчера на претоварната станица е ставена под контрола и ги повтори сите досегашни заложби и преземени мерки на локалната самоуправа за решавање на повеќедеценискиот проблем со третманот на сметот во градот.