Во Валандово денеска ќе се одржи референдум на кој жителите на оваа општина треба да се изјаснат дали се за или против продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и дали се за или против отворање рудници за металични минерални суровини на територијата на општината.
За референдумот да биде успешен треба да излезат најмалку 5.200 жители со право на глас.
На 3 јули годинава Советот на општина Валандово на вонредна седница го прифати барањето за референдум на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ и едногласно донесе Одлука за негово распишување.
Во информацијата до медиумите во тек на активностите за добивање поддршка за распишување на референдумот од инцијативата „Спас за Валандово“ наведоа дека отворањето рударски комплекс ќе биде погубно за иднината на општина Валандово.
Претходно, на референдум против изградба на нови рудници се изјаснија и жителите на Богданци, Дојран и на Гевгелија.