Дарко Димовски нов претседател на ССМ

Синдикалци протестираат против одлуките на разрешениот претседател на ССМ, Живко Митревски во јануари, годинава.

Дарко Димовски денеска официјално ја презема функцијата претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија. Тој на прес-конференција објави дека Централниот регистар го спровел решението на Министерството за труд и социјална политика со кое тој е овластено лице за застапување на ССМ. Димовски порача дека со неговото назаначување започнува ново поглавје на синдикализмот, кое ќе го врати достоинството на работниците во Македонија.

Во ССМ изутрина официјалниот документ од Централниот регистар Димовски му го покажал на досегашниот претседател Живко Митревски во присуство на полиција. Новото раководство на ССМ побарало асистенција од полицијата поради, како што објасни Пецо Грујовски од Синдикатот на УПОЗ, присуството на обезбедување на Митревски и пружањето мал отпор по што било договорено примопредавање на функцијата.