Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација и за министерот Алаѓозовски

.Министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието на Република Македонија поднесоа интерпелација за работата на министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Претничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ во изјава во Собранието рече дека веднаш по назначувањето на Алаѓозовски на функцијата министер во земјава има тренд на уназадување на културата и културниот развој, преку, како што рече, преземање на голем број иницијативи во насока на партизација на културата, не водење грижа за културното наследство, запирања на сите капитални инвестиции во културата,...

"Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека со доаѓањето на Роберт Алаѓозовски на функцијата Министер за култура, оваа област во Република Македонија за кратко време од седумдесетина дена го допре дното. Затоа сметаме дека треба што поскоро да си замине од позиција и на негово место да дојде личност која ќе се залага за подобар статус и подобри услови за уметниците, и ќе се грижи за промоција и презентација на културата и уметноста на нашата држава во домашни, меѓународни и светски рамки", рече Лашкоска.

Во изминатиот период, како што додаде Лешовска , сведоци сме на незаконско разрешување на професионалци во институциите од областа на културата и вдомување на партиските послушници во Министерството за култура.

" Една од првите одлуки како министер му беше да скрати 30 милиони денари и да запрат археолошките истражувања. Скратени се и 30 милиони денари за филмска дејност или дури половина од Буџетот предвиден за финансирање филмски проекти на конкурс за Агенцијата за филм. Дополнително, Алаѓозовски формира совети, работни групи и назначува советници без компетенции и со биографии кои се единствено богати со закани, омраза, бес, гнев и фрустрации кои ги артикулирале со бројните најави дека ќе ги рушат, минираат и уништат спомениците на културата само затоа што ги изградила владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ" изјави Лашкоска.

Таа додаде дека Алаѓозовски ги скратил средствата за реконструкција на новата Универзална сала во Скопје, за изградба на новиот објект на Охридскиот театар, за изградбата на Струмичкиот театар, а под знак прашалник е ставена и изградбата на новиот објект за Драмски театар во Скопје