Агенцијата за разузнавање (АР) денеска соопшти дека изразува жалење и го осудува инцидентот кој се случи вчера пред арената „Филип Втори" во Скопје за време на Супер Купот, а во кој беше инволвиран нивен вработен, истовремено оградувајќи се од сите индивидуални постапки на вработените надвор од работното време.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција на која се осврна за безбедноста на граѓаните и учесниците во Суперкупот на УЕФА, меѓу останатото, наведе дека е забележано спречување службено лице во вршење службено дејствие од вработен во Агенцијата за разузнавање. Тој се обидел преку ред и со службена легитимација да влезе на градскиот стадион на европскиот Супер куп.
Министерот Спасовски информираше дека се приведени 14 луѓе од кои шест странски и осум македонски државјани. Дел од нив препродавале билети од Суперкупот, дел прекршувале Закон за трговија, а полицијата трага по таксист кој ограбил британски државјанин од кој одзел 400 евра и златен ланец.