Северна Кореја денеска соопшти дека „внимателно ги испитува“ плановите да изведе ракетен напад врз Гуам, американски остров на Пацификот. До ова дојде само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Пјонгјанг дека секоја закана ќе биде пресретната со „оган и бес“. „Напад со ракета од среден дострел би можело да биде изведен врз Гуам во секој момент откако за тоа ќе донесе одлука лидерот Ким Џонг Ун“, соопшти претставник на севернокорејската Народна армија. Северна Кореја ги обвини САД дека подготвувале предупредувачка војна која би можело да прерасне во тотална војна.