Татарчевски - Уметниците во политика, но само како советници

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Татарчевски - Уметниците во политика, но само како советници

Мора да има луѓе од уметноста кои ќе бидат вклучени во политиката, меѓутоа како советници, да ги советуваат политичарите какви политики треба да се градат во однос на културата и уметноста, вели Сашо Татарчевски, диригент и професор на Музичката академија, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Сашо Татарчевски е диригент и професор на Музичка академија. Со години наназад тој бележи бројни успеси каде и да се појави на фестивалите по Европа со било кој од ансамблите со кои раководи – Женскиот младински хор при Младински културен центар - Скопје, мешаниот хор „Драган Шуплевски“, хорот при Факултетот за музичка уметност и професионалниот хор „ПроАрс“. Познат е и по делувањето на ансамблот за современа музика „КонТемпора“, а имал можност да диригира на респектабилните манифестации безмалку и со сите други значајни музички колективи во земјава.

Сепак, како што и самиот шеговито забележавте - „нема да бидете пречекани со почести, прошетка под Триумфалната капија...“. Дури сето тоа, вашите две први награди во две категории, специјалната награда за диригент и ГРАН ПРИ за ЖМХ на младинскиот фестивал во Братислава, Словачка, некако како да беа „премолчани“? Како уметник и педагог како го објаснувате ваквиот однос на медиумите, средината во која што живееме и твориме?

Чувството е такво да, за жал, дека како дури и да смета доколку се направат резултати во Европа, во светот, без разлика на кое ниво. Се сеќавам само на еден момент во 2007, кога се почуствуваме и јас и ансамблот со кој тогаш направиме некаков успех, тогашниот министер за култура, господинот Бекири, без никаков посебен повод, освен тоа што разбра дека сме освоиле некакви меѓународни награди, не повика кај него, ни организираше средба и ни даде благодарници од Министерството за култура, затоа што сме ја претставувале нашата земја и сме освоиле највисоки награди.

Од тогаш имаме еден куп меѓународни награди со ансамблите со кои раководам, не се сеќавам дека некој од Министерството или од која било институција, којашто би требало да ги следи овие работи, помеѓудругото затоа што и финансира дел од овие настани, не нашле за сходно да кажат збор за успесите што сме ги постигнале. Во некои од медиумите ќе поизлезе по нешто, во повеќето од медиумите не, зошто, повторно не можам да кажам, меѓутоа остава едно горко чувство тоа кога нешто што го правите за сопствената култура, за сопствената држава, останува некако незабележано или во фуснота на некои од медиумите.

Ви додеа ли „тапкањето по рамо“? Ќе се свести ли државата конечно дека овде и сега има творци кои поодамна се вистински амбасадори на македонската култура во светот? Ќе чека ли конечно да се изаби ентузијазмот, самопрегорноста?

Понекогаш навистина знае да присмета таквиот однос и навистина е напор од секој аспект, не само од аспект на време, туку и емоционален напор е да се се подготви еден ансамбл за еден вакво настан, да се учествува успешно и да се освојат највисоките награди. После тоа прилично емоционално испразнет се чувствувам, откако ќе се случи настанот, бидејќи сум вложил многу од себе си во тоа. И такви мали нешта, коишто дополнително можат да изиритираат, знаат многу да повлијаат на генералното расположение и на енергијата која човек од нешто треба да ја влече. Но за моја среќа брзо се опоравувам од таквите моменти и благодарејќи, најмногу на моите деца, прилично брзо можам да си ја повратам таа енергија и повторно да се впуштам во нови проекти за претставување на нашата хорска и музичка уметност во светот.

Мнозина уметници се изгубија на половина пат од културата до политиката. Како да заборавија дека се најсилни онаму каде што органски припаѓаат – на сцена. Сте помислиле ли некогаш на некаков општествен ангажман кој би ве отргнал за малку од уметноста, од творештвото?

Досега не сум почувствувал, ама воопшто, потреба да размислам дали да се вклучувам во нешто што е поврзано со политика, а тоа е само од причина, затоа што си ја сакам работата, ме исполнува без разлика на сите потешкотии и на, ајде така да кажеме, недоволното признание. Јас уживам во својата работа и не би можел да помислам да потрошам време на нешто друго, освен на уметноста со која сакам да се занимавам, музиката. Тоа е мојот став околу ова прашање, во врска со мојот однос кон политиката.

Меѓутоа треба да сме свесни дека од политиката зависат многу нешта и во она што го работиме, без разлика која област од живеењето е тоа и сум на мислење дека треба да има и политичари кои доаѓаат од областа на уметноста, ако не заради друго, тогаш за едноставно на на политичарите кои немале контакт со уметност, кои не знаат како функционираат механизмите во уметноста, тоа да им го објаснат. За жал, многу наши политичари ја гледаат уметноста како нешто што троши пари, наместо да ја гледаат уметноста како нешто што гради дух, нешто што гради широк поглед на светот воопшто, нешто што прави здрави општества. И се додека превагнуваат такви политичари, јас мислам дека и генерално чувството наше, на луѓето коишто работиме во уметноста нема да биде дека работите се во ред. И токму заради тоа мора да им луѓе од уметноста кои ќе бидат вклучени во политиката, меѓутоа како советници, тоа јас така го гледам, значи како луѓе кои ќе ги советуваат оние кои одлучуваат за тоа како ќе живееме во едно општество, да ги советуваат какви политики треба да се градат во однос на културата и уметноста. А околу другите ангажмани, така да ги кажам безобразни вклучувања на разни уметници во дневно-политички препукувања, тоа ниту сум го разбрал, ниту ќе го разберам некогаш, ниту ќе можам да најдам оправдување за тоа.

Целото интервју со диригентот и професор на Музичката академија, Сашо Татарачевски, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.