Заев - Законот за јазиците е во согласност со Уставот

Изјава на премиерот Зоран Заев во Охрид.

Со усвојувањето на Законот за употреба на јазиците се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Македонија. Сите одредби во законското решение се согласно членот 5 од Уставот на Македонија, изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој беше во посета на Охрид. Тој вели дека пакетот законски решенија се упатени на усвојување во Парламентот, а откако ќе биде усвоен тој ќе биде испратен на разгледување пред Венецијанската комисија, со предложените отворени прашања кои не се дел од овој закон.

Во Охрид Заев и вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, дадоа појаснувања во врска со вчера усвоеното законско решение.

„Со законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, што значи дека законот согласно ова ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе им овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик“, рече Заев.

Заменик-премиерот Лика истакна дека со одлуката за усвојување законот за јазици Владата покажа подготвеност за придвижување на работите нанапред.

Заев одговарајќи на новинарско прашање појасни дека „двојазични банкноти нема, двојазични униформи во Армијата нема, освен ако Венецијанската комисија потврди дека тоа е согласно Уставот, ние немаме предрасуди“.

Во врска со тврдењата на опозицијата дека законското решение значи употреба на албанскиот јазик во средините каде нема албанско население, премиерот рече дека никој не мора да учи друг јазик освен ако тоа го сака, а казните предвидени со законското решение важат само за државните институции.

Што се однесува до официјалната употреба на јазиците во единиците на локалната самоуправа, премиерот појасни дека токму понуденото законско решение нуди уредување и на тоа прашање.

„Македонскиот јазик и неговото кирилично писмо во општините кои се двојазични е првиот службен јазик. Вториот јазик за Струга е албанскиот јазик, во Шуто Оризари е ромскиот. Прв јазик во службена употреба е македонскиот јазик, единствен јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик“, додаде тој.