Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 20 мај годинава.
Проблеми на работа и дома. Ги имаме здравствени, но и егзистенцијални. Проблеми кои секојдневно ни предизвикуваат стресови. Но, покрај редовните нервози, македонските граѓани се под се поголемо влијание на стресот што го предизвикуваат и политичките настани во земјава. Дел од случајните минувачи во анкетата што ја спроведовме велат дека во денешно време е невозможно да се остане имун на политичките случувања. Сепак, додаваат дека се обидуваат да бидат подалеку од нив.
„Мислам дека на сите ни создава оваа политичка ситуација стрес, бидејќи ова е државата во која живееме и сите тие одлуки на политичарите се одразуваат на нас младите, но и на сите граѓани во земјава.“
„Не следам често затоа што навистина ме вознемирува моменталната ситуација.“
„Политика не следам често меѓутоа со овие последните случувања тешко е да се тргнат од мислите, главно не може да се избега од медиумите и социјалните мрежи.“
„Ме нервираат предрасудите што ги имаат луѓето, не е важно дали си Албанец или Македонец важно е да си човек.“
„Не ми прави стрес затоа што верувам дека има излез од оваа ситуација, и покрај тоа што многу луѓе се разочарани и мислат дека нема излез и се со спремните куфери да заминат од оваа држава“, велат анкетираните граѓани.
Политиката игра голема улога во однос на прашањето на стресот, а под нејзино влијание луѓето се повеќе се оттуѓуваат и маргинализираат од општествените случувања, објаснуваат социолозите. Ако се земе предвид поставеноста на политичките структури во земјата во изминатите десет години не треба да не изненадува што луѓето се чувствуваат полошо, понервозно и поразочарано, вели универзитетскиот професор Ѓорги Тоновски.
„Очигледно е дека системот на диктатура, корупција, клептоманија, кој се промовираше на голема врата во последните десет години не е систем кој може да гради убави, пријатни односи, но и амбиент за живеење на македонските граѓани“, изјави Тоновски.
Ако знаеме дека политиката е еден од основните фактори кои го оцртуваат карактерот на заедницата во којашто живеат луѓето, тогаш е очигледно дека политиката игра голема улога во однос на прашањето за стресот. Под влијание на политиката македонските граѓани се гетоизираат во помали групи, предупредуваат експертите.
Универзитетскиот професор Илија Ацески потсетува дека човекот е по природа политичко битие, но дека нервозата и стресот настануваат кога поединецот ја губи вербата во институциите на системот.
„Секој поединец носи еден свој белег. Кај некои луѓе не делува толку оваа ситуација. Тие се заштитени со тоа што слабо гледаат телевизија, ги релативизираат случувањата итн. Но кај добар дел од нив тоа страшно удира на нивната стабилност во психолошка и социолошка смисла. Знаете кога човек е нервозен и во другиот гледа непријател ако е од другата опција. Тоа го создаваат партиите кои не претвораат во клиенти“, вели Ацески.
Актуелната политичка состојба создава дополнителен стрес кој не само што не се занемарува, туку се интензивира, објаснува м-р. Милка Ололовска, психолог и психотерапевт.
„Ние се наоѓаме во состојба на перманентен, анксиозен страв кој сам по себе создава низа психолошки тегоби и симптоми. Се чувствуваме максимално несигурни и беспомошни. Сите тие заедно се јавуваат во улога на стресови. Кога зборуваме за стрес, мислиме на еден кумулативен стрес на кој сме секојдневно изложени“, вели Ололовска.
Македонија се повеќе станува земја на стресот, кој пак под големо влијание на политичкиот фактор станува се посложено место за живеење. Во масовното заминување на граѓаните во други земји, социолозите гледаат логичен одговор на разочараните граѓани кои решиле да се поштедат од дополнителниот стрес кој го создава македонската политика.
„Оваа политичка клима која ја создадоа гарнитурите на заминување во која вредностите се девалвирани, така што граѓаните дојдоа во една безизлезна состојба, не гледаат перспектива и имаме само иселување и барање излез надвор од државата. Затоа се неопходни промени“, вели универзитетскиот професор Јонус Абдулау.
Чувството на страв и вознемиреност кај граѓаните не е лесно да се надмине. Експертите ги прашавме дали постојат механизми за неутрализирање на стресот кој го предизвикува политиката. Психологот Ололовска вели дека она што го нуди психолошката пракса е откривањето на извор на стресот и негово редуцирање.
„Јас би советувала граѓаните да го редуцираат гледањето на телевизија или читање непроверени информации колку што можат максимално. Не значи дека не треба да бидат информирани меѓутоа мислам дека се создаде една зависност од апсорбција на нефилтрирани информации. Или на пример тоа слободно време да го насочат кон некои лични активности од типот на спортување, разговори, слушање музика. Но сето тоа сега е максимално оневозможено зошто сега и кога се дружите со пријатели политичката состојба е секогаш на дневен ред и најчесто завршува со конфликтни разговори и создавање на меѓусебното непријателство, се рушат пријателските односи и други негативни последици“, вели Ололовска.
Професор Тоновски вели дека човекот не може да се изолира од политичките настани околу нас. Навраќајќи се на аристотеловата „Луѓето кои не ги интересира политиката се идиоти“, Тоновски вели дека тешко можете да најдете луѓе кои не ги интересира настаните околу нив.
„Прашањето е кој како ги прима и како се однесува кон информациите и кон кого делуваат настаните потешко или полесно. Ако живеете во средина во која повеќе е црното отколку светлото, невеселото отколку веселото, едноставното отколку виножитото во пулсирањето на животот, тогаш и вашето доживување на таа средина мора да варира без разлика дали вие сакате или не сакате да реагирате на неа. Ние сме родени да реагираме и комуницираме, не можеме да бидеме изолирани единки“, вели Тоновски.
Што повеќе граѓани се интересираат за политиката толку повеќе и дозволуваме на политикaта да се занимава со граѓаните и нашите секојдневни проблеми, констатира професор Абдулау.
„Моја препорака е граѓанинот свесно да се занимава со политиката а не политиката да се занимава со него и тој да биде предмет на манипулирање на разновидни политички кругови. Граѓанинот треба што побргу да сфати дека треба да се занимава активно со политиката почнувајќи од својот најтесен круг во семејството па до највисоките институции кадешто треба активно да партиципира“, вели Абдулау.
Институтот за јавно здравје неодамна соопшти дека во Македонија расте бројот на пациенти болни од депресија и депресивно растројство. Па така од 2010 година кога тој број изнесувал 585, а во 2015 е зголемен на 803. Поголемиот број од болните се жени. Но, психологот Ололовска не се согласува дека владее колективна депресија во македонското општество.
„Сметам дека се работи за зголемен број на луѓе со анксиозни, а не депресивни проблеми. Оваа политичка ситуација ни ги смени и мислењата и ставовите ни направи да бидеме доста ригидни и строги кон самите себе и другите луѓе. Како да се изгуби човечкото и елементарното во секој од нас, а политичарите со манипулација го користат за лични цели“, вели Ололовска.
И Светската здравствена организација соопштила дека бројот на лицата кои живеат во депресија е зголемен за повеќе од 18 проценти во споредба со периодот меѓу 2005 и 2015 година.
Токму стресот независно од тоа од што бил предизвикан, може да биде еден од факторите за депресија. Упатените во оваа област посочуваат дека треба да се подобри квалитетот на животот, да се свртиме кон поубавите работи, да се внимава на менталното здравје, да се прави баланс меѓу работата и приватниот живот, а доколку се добијат симптоми на депресија или вознемиреност да се побара здравствена помош.
Светот го боли глава од стрес
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И модерниот свет изобилува со настани кои предизвикуваат стрес кај луѓето. Некои од нив се лични, но се повеќе главоболки предизвикуваат и политичките. Како човек да се брани од нив? Со лекови или со спиење? Еве што советуваат експертите:
Гоце Атансов
Стресот е еден од главните предизвикувачи на главоболката и мигрената во неколку земји во светот каде што деновиве беше спроведено истражување за тоа како луѓето реагираат и ја објаснуваат главоболката. Освен стресот, како главни причини за главоболката се спомнуваат уште: премногу или премалку спиење, дехидрацијата и временските услови. Мерл Дајмонд, независен медицински експерт се согласува дека најзастапен е стресот:
„Некогаш тоа е генетски, но начинот на кој го живеете вашиот живот може да има влијание врз зачестеноста на главоболките што ги имате. Една од заедничките работи за скоро сите е стресот“, вели тој.
Според Дајмонд, некогаш и добрите работи што ви се случуваат може да предизвикаат стрес. Притоа таа како примери спомнува подготовка на свадба, промена на подобра работа или патување во странство.
Испитувањето кое било направено во март годинава во неколку земји, почнувајќи од Соединетите Држави, преку Шведска, Белгија, Полска, па се до Саудиска Арабија, покажа интересни резултати. Во Финска најмалку луѓе, само 10 отсто одговориле дека страдаат од мигрена. Најмногу од главоболка страдаат во Полска, но таму како главна причина за тоа го посочуваат времето. Швеѓаните пак, нивната главоболка му ја препишуваат главно на доживеаниот стрес. Луѓето секако, во зависност од тоа каде живеат на различен начин ја третираат главоболката предизвикана од стресни ситуации. Во Шведска тоа го прават со повеќе пиење вода, а во Саудиска Арабија на пример со повеќе спиење.
Скот Јаковино, менаџер во една фирма која произведува лек против главоболка вели дека луѓето сами треба да најдат најдобар начин како да ги контролираат главоболката и стресот.
„Секој човек ги доживува симптомите поинаку и секој човек има различен режим на лекување, па ние ги охрабруваме луѓето да разговараат со нивните лекари за да најдат режим кој ќе одговора за нив“, вели тој.
Во секој случај, како што вели Јаковино, стресот и главоболката која ја предизвикува се одразува негативно врз здравјето на луѓето и можат да предизвикаат и други проблеми. Тој додава дека лековите против болка што се даваат без рецепт се важни во спречувањето на губењето на времето кое го минуваме со главоболка.