Американскиот потпретседател Мајк Пенс соопшти дека Република Македонија може да смета на поддршката од САД и изрази поддршка на политиките на Владата на Република Македонија и нејзините заложби за членство во НАТО, информира прес-службата на Владата на РМ за денешната билатерална средба на Заев и Пенс во Подгорица каде што попладнево заврши Самитот на земјите на Јадранската повелба.
“Ставот на претседателот на САД Доналд Трамп е дека САД стои зад Република Македонија и зад регионот во определбите за интеграциите во НАТО”, истакнал потпретседателот Пенс, кој се интересирал за реализацијата на Планот 3-6-9 и нагласил дека е од големо значење да се обезбеди владеење на правото во Македонија.
Како што соопшти Службата за информирање во Владата, Пенс истакнал дека за Соединетите Држави од големо значење се демократските процеси и во делот на борбата против корупцијата, слободни медиуми, витализирање на граѓанското општество и доброто управување.