Тилерсон: САД и Русија можат да соработуваат

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тилерсон: односите меѓу САД и Русија под голем притисок

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави дека иако американско руските односи се под голем притисок, Вашингтон ќе продолжи да се концентрира врз областите од заеднички интерес како борбата против тероризмот. Тилерсон на прес конференцијата во Вашингтон се осврна и врз проблемот со Северна Кореја.

Најавувајќи дека за претстојниот викенд во Манила ќе се сретне со неговиорт руски колега Сергел Лавров, американскиот државен секретар изјави дека главно прашање во сегашните заострени односи меѓу Вашингтон и Москва е дали можат двете страни да задржат извесно ниво на стабилност на тие односи.

Тој притоа ја наведе Сирија како место за тест на способноста на Русија и САД да работат заедно.

„Ние го делиме заедничкиот став за ИСИС како закана за двете наши земји и затоа сме посветени на поразот на Исламската држава и другите терористички организации“.

Средбата на Тилерсон со Лавров ќе биде прва откако Москва му нареди на Вашингтон да го намали американскиот дипломатски персонал во Русија.

До ова дојде како одговор на дополнителните санкции врз Русија кои се одобрени од Конгресот.

„Акцијата на Конгресот да ги воведе овие санкции и начинот како е направено тоа, ниту претседателот, ниту јас не бевме многу среќни за тоа. Бевме јасни дека не мислевме оти ќе ни помогне во нашите напори. Тоа е одлуката што тие ја направија.Тие го сторија тоа со многу големо мнозинство. Мислам дека претседателот го прифаќа тоа и сите индикации се дека тој ќе го потпише тој предлог-закон, а потоа само ќе работиме според него“.

Во врска со проблемот и заканите од Северна Кореја, Тилерсон изјави дека Соединетите држави не сакаат да го сменат режимот во таа земја.

„Ние ја потврдивме нашата позиција кон Северна Кореја за она што го правиме. Ние не бараме промена на режимот. Ние не бараме колапс на режимот. Ние не бараме забрзано обединување на Полуостровот. Ние не бараме изговор да ја испратиме нашата војска на север преку 38-та паралела. И ние се обидуваме да им пренесеме на севернокорејците: ние не сме вашиот непријател“.

Тилерсон притоа додаде дека се надева оти Северна Кореја ќе го сфати тоа по што би можело да дојде до дијалог.