ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи договорот за добрососедство во Парламентот на Република Македонија. Ова е еден од заклучоците од седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ што се одржал синоќа. Како што се наведува во соопштението, ниту една од нивните забелешки не била прифатена и оти сите спорни точки од договорот се прифатени согласно ставовите и позициите на Република Бугарија, по што уште еднаш ја повикува Владата до денот на потпишување да направи напори за промена на спорните делови кои можат да нанесат долгорочни штети по државните и националните интереси на Република Македонија и македонскиот народ, јазик и историја.
Според партијата, со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, во времето на неговото спроведување, Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на штета на Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ под вакви услови не сака да ја споделува одговорноста која СДСМ ќе ја има пред граѓаните на Република Македонија и македонскиот народ, во ситуација кога СДС оди директно спротивно на волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија„ стои во соопштението на ЦК на партијата.