Од распишувањето на изборите, до промената на власта, претходната власт ангажирала 7.708 луѓе, а само на денот на распишување на изборите, 17 октомври биле вработени 4.473 луѓе, рече денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на прес-конференција. Тој вели се вработувале луѓе и покрај забраната за вработувања во периодот од распишување на изборите до избор на нова влада, според Договорот од Пржино и според Изборниот законик.
Новата власт пак во првите два месеци од владеењето вработила 96 луѓе во сите институции. Од нив 32 се советници на министрите, 26 луѓе се ангажирани на централно ниво, како советници на премиерот, службеници на министрите без ресор и лица за односи со јавност. Министерот вели дека за сите овие луѓе имало огласи.
Министерот ги отфрла обвинувањата дека новата Влада вработувала голем број партиски луѓе, велејќи дека премиерот Заев има само тројца кабинетски советници, додека претходниот премиер го советувале дури 86 луѓе.
Министерот вети ангажман на сите административци, кои се вработени согласно Рамковен, а кои седат дома.
Од ВМРО-ДПМНЕ, подоцна реагираа преку соопштение, наведувајќи дека министерот лажи и дека во тој период се вработени само 160 лица во државната администрација заради итни и неодложни работи.