Оклопно возило Бафало, кое служи за детектирање и уништување на бомби, и коe вообичаено може да види во Ирак и во Авганистан, деновиве ќе може да се види и во Македонија. Освен ваков тип на воено возило, граѓаните ќе можат да видат и други оклопни транспортери и воени возила, воена опрема и да се дружат со војници кои ќе учествуваат на воена вежба.
Триста американски војници со 120 возила групирани во шест конвои пристигнуваат во Македонија за да учествуваат на воената вежба „Dragoon Guardian 17“. Припадниците на Армијата на САД во Европа, заедно со 95 македонските војници до 10 август ќе имаат теренска вежба на армискиот полигон Криволак.
Преку граничниот премин „Деве Баир“ конвоите влегуваат на македонска територија. Отворањето на вежбата е во Куманово, а поздравни говори ќе одржат министерката за одбрана Радмила Шекеринска, градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, командантот Зоран Милески и американскиот амбасадор во земјата Џес Бејли.
Војниците во Криволак заедно ќе изградат писта за слетување беспилотни летала, која потоа ќе остане за користење за потребите на АРМ. Војската ќе има обука за расчистување на патишта од импровизирани експлозивни направи, обуки за заштита од атомско, биолошко и хемиско оружје. За време на вежбата војниците на двете земји меѓусебно ќе се запознаат со личното оружје, ќе гаѓаат, а ќе има и други обуки, велат од Министерството за одбрана.
На трети август Криволак ќе го посетат премиерот Зоран Заев и амбасадорот Бејли.
Граѓаните пак ќе имаат можност одблиску да видат воени оклопни возила и да се дружат со војниците во шест градови Куманово, Скопје, Штип, Велес, Струмица и Струга. По неколку часови во денот во овие градови војниците ќе презентираат опрема, ќе се организираат натпревари за деца, фитнес-сесии, фудбалски натпревари.
Вежбата која е продукт на билатералната соработка меѓу АРМ и Вооружените сили на САД, има за цел подобрување на интероперабилноста на АРМ со НАТО стандардите, зајакнување на постојното партнерство со САД како и демонстрација на можностите на вооружените сили на двете армии за помош и поддршка на цивилното општество.
АРМ во 2015 учествуваше на 14 меѓународни вежби, конференции и работилници, а во 2016 на 16. За оваа година се предвидени 28 меѓународни активности.