Сугарески и ВМРО-ДПМНЕ со различни тврдења за автопатот Миладиновци-Штип

Архивска фотографија-министерот за транспорт и врски Горан Сугарески

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска соопшти дека во изградбата на автопатот Миладиновци - Штип направени се пропусти за чие надминување, според првичните проценки, ќе бидат потребни дополнителни над 20 милиони евра.

На прес-конференцијата во Владата министерот истакна дека при проверката на архивата најден е документ со кој се бара склучување анекс за продолжување на изградбата на оваа автопатска делница. Тој тврди дека во него неговиот претходник на функцијата во април доставил информација до Владата дека 32 проценти од работите на патот не се завршени.

„Тоа значи дека согласно пропустите ќе се направи дополнителна штета која сметаме дека ќе биде над 20 милиони евра“, рече Сугарески.

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Во партиското соопштение тие тврдат дека министерот изнесува невистини дека новиот автопат ќе чини дополнителни 20 милиони евра. Од таму наведуваат дека се работело за информација доставена до Владата во месец април за прогресот на извршените градежни работи на автопатот.

„Имено во информацијата за предлогот за пролонгирање на изградбата на овој автопат, стои дека изведувачот се согласува да не покренува било какви финансиски побарувања заради загуби од режиски трошоци или изгубен надомест по основ овие исклучени работи“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.