Конгресната група на пријатели на Македонија и на македонската дијаспора во САД, меѓу кои и конгресмените Дејвид Трот, Брендан Бојл, Стив Стиверс и Деби Дингел, испратила писмо до државниот секретар на САД Рекс Тилерсон да ја посети Македонија. Притоа ОМД наведува дека посетата на државниот секретар Тилерсон би била прва на Македонија од страна на државен секретар на САД по последната посета на државниот секретарот Колин Пауел во 2003 година. Важноста на ваквата посета беше истакната од страна на конгресменот Трот во изјава дадена на 20 јули 2017: „Македонија со години е исклучително важен партнер во унапредувањето на операциите од доменот на националната безбедност на САД низ светот. Во време во кое Русија продолжува да демне над младите демократии, ние мораме да го осигураме суверенитетот на нашиот балкански сојузник“. Писмото до државниот секретар Тилерсон собрало 32 потписи од членови на Конгресот од 16 различни сојузни држави во САД, односно од четири члена на Комисијата за воени услуги и од девет члена на Комисијата за надворешни работи при Претставничкиот дом. Потписници се и претседавачот и членови на поткомисијата за Европа, односно вкупно 14 републиканци и 18 демократи.