Продолжува собраниската расправа за ребалансот на Буџетот

Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува расправата за ребалансот на Буџетот за 2017 година предложен од Владата.

Расправата почна во понеделникот кога министерот за финансии Драган Тевдовски го образложи предложениот ребаланс. Во текот на досегашната расправа пратениците од мнозинството дадоа поддршка, додека опозицијата оцени дека ребалансот е антиреформски и обвини дека се кратат средства за капитални инвестиции на сметка на партиски вработувања.

Основната цел на ребалансот, како што образложи министерот Драган Тевдовски, е да се намалат непродуктивните трошоци и да се обезбеди простор за реализација на политиките на новата Влада, како зголемувањето на минималната плата на 12 илјади денари.

Растот на економијата е ревидиран на 2,2 проценти за годинава, а буџетскиот дефицит е проектиран на 2,9 проценти од БДП.

Расправата за ребалансот на Буџетот, согласно Деловникот на Собранието, може да трае до 10 работни денови. Досега поднесени се над 700 амандмани.