Наредното рочиште за обидот за државен удар во Црна Гора за време на изборите во минатата година ќе се одржи на 6 септември. Судењето беше одложено поради барање на одбраната за смена на обвинителот. Во случајот осомничени се четиринаесетмина, вклучувајќи и двајца проруски опозициски лидери. Меѓу осомничените се и деветмина српски државјани, како и двајца Руси.
Според црногорските власти, тие биле организирани да го заземат парламентот за време на парламентарните избори, да го убијат тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и да инсталираат проруско раководство со цел да го спречат влегувањето на Црна Гора во НАТО. Подгорица исто така смета дека во целиот заговор биле вклучени и руски државни тела, но Москва ги отфрла ваквите наводи.