Со потпишување на Договорот за Транспортна заедница вечерва во Трст зврши 4. Самит на лидерите на Западен Балкан, кој се организира во рамките на Берлинскиот процес.
Главна порака од Самитот е зајакнување на регионалната соработка односно поврзување на Западен Балкан, како клучен елемент за забрзување на европските интегративни процеси на регионот, зајакнување на економската соработка, пред се во областа на мали и средни компании, ИТ секторот, науката и друго.
Meѓу учесниците на самитот во Трст беше и германската канцеларка Ангела Меркел. Таа изјави дека должност на Европската унија е да го приближи регионот „бавно, но сигурно“ во правец на членство на ЕУ.
"Политичката стабилност во регионот значи политичка стабилност и за нас. Ние тоа го знаеме од искуство", посочи Меркел
Владината пресс служба соопшти дека Премиерот Зоран Заев денеска во Трст имал билатерална средба со канцеларката на Германија Ангела Меркел, на која таа изразила голема поддршка за одлучноста на Владата за суштински реформи и за определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ
- Канцеларката Меркел најави поддршка од Република Германија во реформскиот и евроатлантскиот интеграциски процес. Изразена е заедничка определба да продолжи со уште поголем интензитет соработката помеѓу Република Македонија и Република Германија во области важни за граѓаните на двете земји, информира владината прес-служба за средбата на Заев со Меркел во Трст каде денеска се одржа самит „ЕУ - Западен Балкан“