Седницата во Собранието прекината поради верскиот празник

Македонскиот парламент

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина собраниската седница на која како точка на дневен ред е разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, откако координаторот на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека поради верскиот празник Петар и Павле голем дел од неговите колеги пратеници „треба да одат на слави, имендени и прослави“ и побара седницата да биде прекината.

" Продолжуваме утре во 11 часот, но, ова како пракса не се трудете да го користите од утре па натаму" рече Џафери.

Тој ја прекина седницата која требаше да трае до 19 наместо до 18 часот затоа што претходно, координаторот на втората пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски побара еден час пауза за на пратениците да им се поделат стенограми од обраќањето на Зврлевски во Собранието.