Зврлевски: Ако ме разрешите тоа нема да претставува реформа

Јавниот обвинител Марко Зврлевски на собраниска седница за негово разрешување

Јавниот обвинител Марко Зврлевски на денешната седница на Собранието на која се расправа за негово разрешување изјави дека тој компетентно и чесно ја вршел својата функција, и ги обвини Владата и Советот на јавни обвинители дека не дале основа зошто барале тој да биде разрешен.

"Во предлогот се наведува дека незаконито и нестручно сум ја извршувал функцијата и дека со неповедувањето на кривични постапки сум го довел во прашање угледот на функцијата. Ништо од ова не е точно. Дека тоа е така, потврдува и предлогот каде што нема ниту една точка каде што се објаснува како и кога нестручно сум ја извршувал функцијата", рече Зврлевски.

Според него, ништо не укажува дека работел нестручно, незаконито или несовесно, туку пратениците од парламентарното мнозинство покажале непознавање на јавнообвинителската дејност.

"Сум бил во тек со сите случаи. Нема погрешни постапувања во „Актор“, „Македонска Банка“, ниту пак во барањето за законитост во случајот за Сеад Кочан. За случувањата од 27. април е отворена постапка, а за протекување на ПИМ, тврдам дека не протекле од обвинителството", рече Зврлевски.

Тој потенцираше дека работел одговорно и совесно во согласосност со законот и Уставот и дека немал врска со политиката и бил познат како професионалец и добар обвинител.

Обвинителот изјави дека донел службени телефони и компјутери за сите обвинители и дека за 4 години имаат отворено преку 40 илјади предмети.

"Ако ме разрешите тоа нема да претставува реформа" изјави актуелниот Јавен обвинител во својот говор од собраниската говорница.