САД и Катар потпишаа договор за борбата против тероризмот и неговото финансирање, за време на посетата на Доха од страна на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, соопшти денеска неговиот висок советник Р.Ц. Хамонд наведувајќи дека тоа е „надежен чекор напред.“
Тилерсон е во посета на регионот како дел од напорите за смирување на тензиите меѓу Катар и другите арапски земји. Тој вчера пристигна во Кувајт и планира да помине два дена во патувања во Кувајт, Катар и Саудиска Арабија за да посредува во спорот кој се разгоре минатиот месец, кога групата земји предводени од Саудиска Арабија ги прекинаа врските со Катар и воведоа санкции за наводни врски со исламситички екстремистички групи и со регионалниот ривал Иран. Катар ги отфрли обвинувањата. Патувањето на Тилерсон во регионот е прв конкретен напор од страна на САД да интервенираат во спорот.