Победата врз ИД во Мосул отвара повеќе прашања

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

По победата во Мосул, и натаму страхувања од ИД

Ослободувањето на Мосул од милитантите на Исламската држава беше прославено на улиците на повеќе градови во Ирак. Сепак дел од ирачките аналитичари се скептични дека воениот пораз на џихадистите ќе значи и крај на нивните акции, како и на нивната идеологија.

Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади во понеделникот и официјално ја прогласи победата врз милитантите кои три години го држеа градот во свои раце и кој беше своевиден центар на самопрогласениот „калифат“ од каде што ќе тргнат да го освојуваат светот.

Тоа беше сторено со извесно задоцнување поради борбите што и натаму се водеа со остатоци од милитантите во стариот дел на Мосул.

Тоа за ирачкиот експерт Фадил Абу Раџиф покажува дека и натаму екстремистите ќе бидат активни.

„Токму во моментот додека седиме тука, интензивни престрелки се уште беснеат во Шахван и Калеат, каде што војниците се ангажирани да дејствуваат од куќа во куќа“.

Станува збор за делови во стариот град на Мосул каде што во понеделникот и натаму се водеа борби со милитантите.

Некои ирачки аналитичари сметаат дека нивната земја и покрај прогласената победа во Мосул се уште е далеку од целосен триумф врз терористичките групи како Исламската држава.

Еден од нив е и експертот за безбедносни прашања Ихсан ал Шамари:

„Иако војската оствари победа сега, се уште постојат безбедносни предизвици, како што се уште постојат идеите на терористички групи. Овие идеи нема да бидат избришани со воени победи. Терористите ќе останат сокриени и во секое време може да преземат активности за напади врз градови“.

Аналитичарите се согласуваат дека Ирак се соочува со многу други неодложни прашања како одржување на стабилноста и безбедноста во повторно освените области кои некогаш беа под контрола на Исламската држава.

Притоа се потенцира дека е неопходно да се надминат и политичките недоразбирања во Ирак кои, како што додаваат, придонесоа за појавата и успехот на милитантите на Исламската држава во земјата.