Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер го посети Хамбург за да ја види штетата до која дојде по тридневните насилни протести за време на Самитот на Групата 20 што заврши вчера. Штајнмајер го обиколи градот заедно со градоначалникот Олаф Шулц денеска и се сретна со претставници на безбедносните сили и со неколкумина повредени.
Насилствата продолжија и синоќа иако лидерите на земјите од Г20 го напуштија градот.
Полицијата соопшти дека 144 луѓе се уапсени, а други 144 привремено притворени откако безбедносните сили употребиле водени топови против демонстрантите кои ги нападнале полицајците со метални шипки и камења.Повеќе од 200 полицајци се повредени во овие три дена во судирите. Нема извештаи за бројот на повредени демонстранти.
Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел за весникот Билд Ам Зонтаг рече дека угледот на Германија е делумно меѓународно засегнат поради случувањата во Хамбург.