Прва средба Трамп - Путин

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп и Путин со позитивни очекувања

Трамп и Путин разговараа повеќе од два часа, иако беше предвидено средбата да трае 35 минути. Пред состанокот, тие рекоа дека имаат позитивни очекувања од средбата.

Претседателот на САД, Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин се состана на маргините на Самитот на Г20 во Хамбург, и разговараа повеќе од два часа, иако беше предвидено средбата да трае 35 минути. На средбата присуствуваа и државниот секретар Рекс Тилерсон и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Двајцата претседатели зборуваa за Сирија, Украина и наводното мешање на Русија во кампањата за претседателските избори во САД. Тие се осврнаa и на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Тилерсон потоа ги информираше новинарите дека Трамп во неколку наврати го притиснал Путин за улогата на Москва во изборите во САД, но дека тој негирал каква било вмешаност во тоа, велејќи дека засега за ова прашање постојат непомирливи разлики. Лавров, пак, на посебен брифинг со новинарите рече дека Трамп го прифатил негирањето на Путин за вмешаноста во изборите.

„Претседателот Трамп рече дека слушнал јасни изјави од Путин дека(наводите за руското мешање) не се вистинити и дека руските власти не интервенирале и тој ги прифати овие изјави“, рече Лавров.

Новинарите го прашаа Тилерсон, дали тоа е точно, но тој одби да одговори.

Лавров, потврди и дека Русија и САД постигнале договор за прекин на огнот во југозападна Сирија, кој треба да стапи на сила на 9-ти јули.

Двајцата лидери пред состанокот дадоа кратки коментари за новинарите, велејќи дека имаат позитивни очекувања од средбата. Трамп изјави дека со претседателот Путин разговарале за разни нешта и дека разговорите се движат во добар правец. Тој очекува позитивни работи за Русија и за САД. Трамп вели дека му е чест што се среќава со Путин, а рускиот претседател е воодушевен што го среќава Трамп лично.

Претседателите досега неколкупати телефонски разговарале, а ова им е прва средба.

„Ако сакаме да имаме позитивен развој преку билатерални односи и да бидеме во можност да решаваме важни меѓународни прашања, дефинитивно ни се потребни лични средби“, рече Путин.

Нивната средба доаѓа во време на продлабочена криза во билатералните односи, поради конфликтите во Сирија и Украина, како и поради наводното руско мешање во кампањата за претседателските избори во САД.

Пред почетокот на Самитот на Г20, беа повредени десетици полицајци и демонстранти за време на антикапиталистичките демонстрации. Полицијата употребни водени топови за растерување на демонстрантите.