Владата го скрои ребалансот

Prime Minister Zoran Zaev and EU Enlargement Commissioner Johannes Hahn. 06/26/2017

Владата го усвои предлогот за ребаланс на буџетот, по што тој ќе биде ставен пред пратениците во Собранието, рече попладнево премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата. Тој вели дека ќе ги скратат непродуктивните трошења за да се заштедат пари. Премиерот вели дека го адаптирале буџетот и приходите се сведени на реални очекувања, односно се ревидирани за 1,5 отсто надолу, а буџетскиот дефицит не е зголемен, односно е проектиран на 2,9 отсто од БДП. Тој вели дека ребалансот на буџетот ги одразува намерите за домаќинско работење на владата.

Со реблансот се предвидени една милијарда и 240 милиони денари во Фондот за пензиско осигурување, повеќе пари за остварување на социјалните права на граѓаните. Потоа се планира намалување на трошоците за службени патувања, репрезентации, промоции, рекламирања. Премиерот вели дека овие кратење најмногу се во буџетот на Премиерот и, како што вели, досега при ребаланс никогаш не се кратело од парите на Премиерот.

Со ребалансот се обезбедени средства за минималната плата да изнесува 12 илјади денари почнувајќи од 1 септември. Трајно решавање на проблемите на стечајните работници кои досега не беа опфатени со постојните закони, потоа пари за поддршка на домашниот туризам, преку субвенционирање на годишен одмор за работници со ниски плати, надополнување на активните мерки за нови вработувања, повеќе пари за поддршка на мали и средни претпријатија и за домашни инвестиции. Предвидена е и поддршка за земјоделците, вели Заев.

„Парите ќе одат кај граѓаните и токму поради тоа создаваме услови за нови политики кои значат живот за сите во Македонија“, вели тој.

Премиерот вели дека засега нема планирано реализација на еврообзрзница.

Запрашан за долгот кон стопанството, Заев вели дека тој е околу 400 милиони евра скриени, непријавени долгови, и очекува бројката да расте, оти има се уште скриени фактури и долгови, кои ќе треба Македонија преку буџетот да ги плати. Премиерот вели дека владата ќе продолжи со изградба на веќе започнатите проекти, како автопати, училишта, сали, односно на сè што е капитално.