Образованието не трпи дневно-политички реформи

Потребна е јасна и темелна стратегија која ќе го подобри квалитетот во образованието. Неопходни се инвестиции во инфраструктура и во научно-истражувачка работа, велат упатените.

Реформите во образовниот сектор не треба да се сведат само на укинување на дел од непопуларните мерки како што беа екстерното тестирање, Кембриџ програмата или дисперзираните студии, туку треба да се продолжат со јасна и темелна стратегија која ќе го подобри квалитетот во образованието. Вака дел од стручната фела ги коментира првичните потези на Владата во образовниот сектор.

„Првичните мерки се симболични и добри, но тие се само дел од многуте мерки кои треба да се преземат за да се подобруваат состојбите и квалитетот во образованието согласно потребите на општеството, односно да не се преземаат дневно политички, туку стратешки мерки. На образованието му треба стратегија којашто ќе биде компатибилна со другите мерки за подобрување на економијата, индустријата и другите општествени мерки“, вели поранешниот министер за образование Сулејман Рушити.

Она што претстои е да се направат промени што беа непотребно внесени во високото образование, каде што се воведуваа различни видови на санкционирање, односно образованието да се постави точно во насоката на реализација на Болоњскиот процес, смета поранешниот министер за образование Ненад Новковски. Тој го поздравува укинувањето на екстерното, но и на Кембриџ програмата за средно образование, зашто, како што вели, се работи за програма наменета за сосема други средини.

„Не е тоа нешто што има смисла да се прави кај нас. Tоа е излишен чекор, чекор кој само може да нанесе штети. Тоа се некои работи што за некои средини се корисни, средини кои имаат потреба за соодветно поврзување со британскиот систем, за земји кои се традиционално или јазично поврзани со нив, а коишто немаат развиено образование или пак за определени заедници во други држави коишто треба да бидат непосредно поврзани со Велика Британија“, изјави Новковски.

Според него, она што подолгорочно треба да се направи е парите во образованието да се пренасочат во развитокот на сите степени на образованието, материјалната инфраструктура, опрема за практична настава и реализација на научно-истражувачки проекти без кои како што вели не може да се замисли високото образование.

Дека образованието има многу слабости на кои треба да се посветат новите власти, посочува и Љатиф Исмаили, директор на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ од селото Теарце. Едни од нив се инфраструктурните проблеми, немање опрема за работа, неквалитетни учебници и сл.

„Ние уште имаме проблеми со инфраструктурата покрај училиштата. Уште работиме со стари и искршени клупи и столчиња, така што додека тие работи не ги смениме, не можеме да зборуваме за квалитет во образованието. Значи, постојат механизми за контрола на образованието, а да не се циркуси како што беше екстерното оценување и слично“, вели Исмаили.

Познавачите на состојбите во образовниот сектор очекуваат темелно преиспитување на стратегијата за образованието. Сугерираат мерките да не се прават избрзано и популистички, туку плански и со намера да имаат некаков ефект за неколку години од сега.