Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека понудата на Вашингтон за соработка во Сирија е „чекор во вистинска насока“. Сепак тој забележа дека се неопходни натамошни информации во врска со американскиот предлог за креирање зони на забранети летови над Сирија. „Прашавме, но се уште не добивме одговор во врска со зоните. Ние досега воопшто не сме разговарале за нив“, рече Лавров. Русија во моментов притиска на спроведување на заеднички план со Иран и Турција за етаблирање на таканаречени „зони на деескалација“ во Сирија. Денеска во рамките на самитот на Г20 во Хамбург за прв пат ќе се сретнат претседателите на САД и Русија Доналд Трамп и Владимир Путин.