СДСМ - Со десет пратенички групи ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието

Архива - Седница на Собранието.

Формирањето на десет пратенички групи од страна на ВМРО-ДПМНЕ е класична блокада на Собранието и на реформите кои ги очекуваат граѓаните, изјави денеска пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

Ваквите коментари доаѓаат откако претходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на брифинг информираше дека поднеле допис до претседателот на Парламентот Талат Џафери за формирање на десет пратенички групи во Собранието, девет од нив со по пет, а една со шест члена, со цел да може да се искористи деловничкото право со можност за поголемо учество во дискусијата.

Тунтев ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, да се откажат од понижувањето на оваа институција и на граѓаните, наведувајќи оти Деловникот не го ограничува овој потег на ВМРО-ДПМНЕ, но дека тој не е во интерес на државата, туку на нејзиното опструирање.

Деловникот предвидува координаторот на пратеничката група да говори 15 минути и да се јави за процедурални забелешки од три минути.