Разрешувањето на јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски денеска е на дневен ред на шестата седница на Собранието на Република Македонија. Оваа точка е 30-та на дневниот ред, но, според најавите на претседателот на Собранието Талат Џафери, се очекува таа да биде меѓу првите на седницата и денеска да се расправа за неа. Предлогот Зврлевски да биде разрешен од функцијата јавен обвинител е поднесен од Владата на РМ поради, како што се наведува во дописот од Собранието, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата. Барањето за разрешување, Владата го достави и до Советот на јавни обвинители којшто на седница го прифатил предлогот за разрешување на Зврлевски. На дневен ред на оваа седница, меѓу другото, е и Извештајот на Европската комисија за Република Македонија 2016 година.