Нема притвор за поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но ќе му биде одземен пасошот, информира денеска Основниот суд Скопје 1. Судот, како неосновано, го одби барањето на СЈО за определување притвор и за поранешните министри за транспорт и врски и за внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, како и за поранешните генерални секретари на владата, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски. На сите нив ќе им бидат одземени пасошите и дипломатските пасоши и ќе имаат обврска еднаш неделно да се јавуваат во судот.
За останатите 16 обвинети во случајот Титаник на СЈО за изборни измами, судот го прифати барањето да им бидат одземени пасошите.
Претходно, судот не прифати ниту едно барање за притвор на СЈО и сите барања ги замени со одземање на пасошите, меѓу кои и за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и за градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.