Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска ја претстави првичната анализа за состојбата на проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, според која, како што рече, недговорното работење предизвикало дополнителен трошок од 120 милиони евра.
При посета на делот од автопатот во изградба, Сугарески информираше дека заради лошото планирање и изведба еден од најголемите проблеми кај земјените траси е појава на свлечишта и затрупување на делницата. Причина за ова, според него, е изборот на несоодветната траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот и нема ревизија на проект.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ сака да ја девалвира изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Од партијата велат дека бројките кои ги изнел денеска министерот за транспорт се лага и конструкција, но не прецизираат за колкави бројки се работи.
Автопатот Кичево - Охрид е дел од случајот Траекторија, на СЈО, за спорна постапка за избор на компанија за изградба на автопатот. Во овој случај обвинет е поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски. Иако СЈО побара притвор за Пешевски, Судот го одби ваквото барања, но му го одзеде пасошот. Во овој случај обвинет е и поранешниот премиер Никола Груевски.