Основниот суд Скопје 1 соопшти дека постапил по вкупно пет предмети на Специјалното јавно обвинителство, односно одлучил да одреди мерка за претпазливост за речиси сите осомничени во овие пет предмети.
Станува збор за предметите „Тотал, „Титаник“, „Тортура“, „Тифани“ и „Тревник“. Според соопштението на судот одбиени се како неосновани мерките за притвор за преметот „Тотал“ со што на обвинетиот Драган Павловиќ Латас му е одредена мерка за претпазливост, односно одземање на пасош и обврска секој работен понеделник во месецот да се јавува во Основниот суд.
Судот определи мерки за претпазливост против обвинетата Ивона Талевска во предметот „Тифани“, како и одземање на пасош и секој работен понеделник во месецот да се јавува во судот.
За обвинитите во предметот „Тортура“ судот одлучи дека тие ќе имаат обврска секој работен петок во месецот да се јавуваат во Основниот суд.
Против овие решенија на судот обвинетите имаат право на жалба во рок од три дена. Од судот соопштуваат дека во однос на останатите предлози и барања на СЈО судот ќе ја извести јавноста во текот на утрешниот ден, бидејќи во тек е писмена изработка на одлуките и доставување на истите до обвинетите.