Специјалното јавно обвинителство го обвинува поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во пет случаи. Но само за Титаник, бара притвор за него. Груевски е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на финансирање на изборна кампања и повреда на избирачко право. Во Титаник се обвинети поранешни функционери дека ги злоупотребиле изборите и гласањето за да победи одредена политичка партија. Освен за Груевски, притвор за изборни измами се бара и за поранешните генерални секретари на владата Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски и за поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.
Груевски е обвинет и во случајот Т.Н.Т, за уривањето на објектот Космос на бизнисменот Фијат Цаноски, дека ја злоупотребил службена должност и овластувања. За овој случај СЈО не бара никакви мерки за обезбедување на Груевски. Името на поранешниот премиер се спомнува и во Тенк, за набавката на мерцедесот во вредност од речиси 600 илјади евра и во Траекторија, за спорна постапка за избор на компанија за изградба на автопатите Кичево-Охрид и за Миладиновци-Штип.
Во Траекторија осомничени се четворица поранешни функционери дека ги употребиле своите овластувања и го оштетиле буџетот на Македонија за најмалку 155 милиони евра.
СЈО води уште една постапка против поранешниот премиер за насилствата во општина Центар. Во прислушуваните разговори, што ги објавуваше тогаш опозициската СДСМ, можеше да се чуе дека Груевски нарачува еден од демонстрантите да му удри неколку шамари на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски за време на протестите пред Општината за изградба на црква. Но овој случај заглави во судските лавиринти, а ново рочиште е закажано за во септември.
За поранешниот директор на УБК и прв братучед на Груевски, Сашо Мијалков, обвинителство досега има отворено неколку постапки. Тој е обвинет во Таргет за масовно незаконско прислушување во УБК на граѓани, политичари, новинари и бизнисмени, како и во случаите Трезор, и Тортура. Тортура е за начинот на кој е уапсен лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски, ден по изборите во 2011.
Во Трезор, пак, четворица високи функционери од МВР и УБК се осомничени дека испумпале од буџетот на Министерството над 850 илјади евра за нелегални набавки на опрема преку фирмата Финзи чиј управител беше Коста Крпач, кој се самоуби во сомнителни околности. Мијалков, заедно со поранешната министерка Јанкулоска беше обвинет и во Тврдина за незаконско уништувањето на системите за следење на комуникациите во период по објавувањето на првите бомби на опозицијата.
СЈО ги спои во едно дело случаите Тврдина и Таргет. За ова дело Обвинителството бара притвор за Мијалков. Името на Мијалков се споменува и во Титаник 2.
СЈО бара притвор за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и нејзиниот колега од транспорт и врски Миле Јанакиески, кои се обвинети во случајот Титаник. Јанкиески е обвинет и во случаите Т.Н.Т за уривањето на Космос, во случајот Топлик - за изградбата на Сончев Град, како и во Траекторија. Поранешниот министер е обвинет и за „шамарите“ за Жерновски. Јанкулоска е обвинета и во случајот Тенк за мерцедесот. Јанкулоска се спомнува и во споениот предмет Тврдина и Таргет.
Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска е обвинета во случајот Тендери, за тендери поврзани со Музејот на ВМРО. СЈО бара притвор за поранешната министерка.
Обвинителката Катица Јанева побара притвор и за поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, за градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, за одговорниот уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ Латас, поранешниот началник на Петтата управа во УБК Горан Грујевски.
Притвор за Пешевски се бара за случајот Траекторија. Градоначалникот на Гази Баба е првоосомничен во Т.Н.Т. Името на Драган Павловиќ Латас се споменува во случајот Тотал за даночно затајување и во Тревник за бесправно градење. За него СЈО бара притвор за случајот Тотал. Неговата колешка Ивона Талеска, е обвинета во случајот Тифани, исто така, за даночно затајување, но против неа има предлог за мерки за претпазливост.
Интересен за јавноста е и случајот со бизнисменот Сеад Кочан, еден од обвинетите во Труст. За него сега е изречена мерка за обезбедување присуство, откако даде гаранција од речиси 900 илјади евра.
Откако Обвинителството го најави случајот, Кочан замина на „службен пат“, кој траеше повеќе од два месеци. Во меѓувреме Судот прво му одреди мерка притвор, па распиша потерница, а потоа реши да му бара парична гаранција.
Претходно СЈО во Судот поднесе обвинителни акти за предметите Транспортер, Тврдина 2 и за насилството во Општина Центар. Во случајот Транспортер, градоначалникот на Битола, Владимир Талески, се товари за злоупотреби со превозот на ученици во Битола. Тој помина повеќе од два месеци во притвор.