Протест пред кривичниот суд поради обвиненијата од СЈО

Основен суд Скопје 1

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ вечерва се собраа пред Основниот суд Скопје 1 каде што се одлучува за барањата за притвор и мерки за претпазливост за повеќе поранешни министри и функционери меѓу кои и за поранешниот премиер Никола Грувески. Насобраните извикуваат “нема да ви помине”и “Македонија, Македонија”. Претходно Груевски од партиското седиште рече дека ВМРО-ДПМНЕ била нападната и дека завршила нивната конструктивност.

„Ова нема така да помине. Ако мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го преспие ова длабоко се излажале. Сакам да објавам дека конструктивноста кои некои ја нарекуваа попустливост во нашето делување завршува денес. Сега е време историја да оценува и да суди, а ние се плашиме само од судот на историјата“ рече Груевски.

Специјалното јавно обвинителство напладне објави дека поднесува 17 обвиненија и побара притвор повеќе лица меѓу кои за Груевски, за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Елизабета Канческа-Милевски.

Доцна попладнево Основниот суд Скопје 1 информираше дека сите предмети од Специјалното јавно обвинителство се примени во судот. Од таму најавија дека по барањата за определување на мерки за претпазливост и мерка притвор ќе одлучуваат судиите од кривичните совети во текот на денешниот и утрешниот ден.