Судењето за за предметот на Специјалното јавно обвинителство за насилството во Општина Центар, познат во јавноста како „шамарите за Жерновски“ е одложено за 28 септември. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е обвинет во случајот денеска се појави во Основниот суд Скопје 1. Тој во судот влегол преку службениот влез.
На рочиштето присустуваа и Даниела Рангелова, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кои се исто така обвинети во случајот. Во Судот пристигна и градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, кој е меѓу оштетените во случајот. Досегашниот адвокат на Груевски, Никола Додевски не е присутен во судницата. Адвокатите Боро Тасевски и Петар Василевски се дел од одбраната. Во случајот се обвинети 14 лица.