Од американскиот Стејт департментот денеска соопштија дека повеќе од 20 милиони луѓе во светот се жртви на трговија со луѓе, а Кина е меѓу главните виновници. Во својот годишен извештај за трговија со луѓе, Стејт департментот посочува дека Кина овозможува експлоатација на работници од Северна Кореја, што ја става на врвот на виновници.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, денеска изјави дека и Русија исто така го искористува трудот на работниците од Северна Кореја и дека преку нивните плати се помага во финансирањето на режимот во Пјонгјанг,
„Се надеваме дека 21 век ќе биде последниот век во кој ќе има трговија со луѓе, тоа е нашата цел“, вели Тилерсон.
Во извештајот се наведува дека во Мјанмар, Авганистан, Малезија и Катар има позитивни чекори во борбата против трговијата со луѓе, но Русија, Куба и Тајланд остануваат на нивото како што биле оценети и минатата година.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вели дека борбата против трговијата со луѓе е приоритет на неговата администрација.