Во Собранието усвоен извештајот за работата на УКИМ

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски.

Собраниската Комисија за образование, наука и спорт на денешната втората седница едногласно го усвои Извештајот на ректорот за работата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје за периодот од 16 септември 2015 до 15 септември 2016 година.

Пратеничката Ирена Стефоска од СДСМ во однос на извештајот рече дека тој сумарно ги содржи сите проекти, но без никаква аналитичка компонента и посочи дека не содржи информации за тоа до каде е Законот за високо образование.

Пратеничката Ивана Туфехџиќ забележа дека во извештајот не е содржана работата на Комисијата за истрага на случувањата поврзани со студентските избори, како и за упадите во автономијата на Универзитетот.

Пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не се согласува со тоа дека е извршен упад во автономијата на Универзитетот, туку дека бил направен обид да се овозможат законски предуслови за негов раст и посочи дека Универзитетот во иднина треба да се вклучува во тековните јавни случувања во општеството и да дава мислење и научна димензија за нив.

Ректорот Никола Јанкуловски ги прифати како конструктивни сите забелешки насочени кон содржината и форматот на извештајот и додаде дека за остварување на 90 проценти од нив се потребни финансии.

На денешната седница беа поканети и претставници на Студентскиот парламент, Студентскиот пленум, Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат.