ПИНК ФЛОЈД во фокусот на 10-от „Види музика, слушни слика, добиј книга“

Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, за јубилејното 10 издание на мултимедијалната манифестација „Види музика, слушни слика, добиј книга“, ја одбраа музиката на рок-класиците ПИНК ФЛОЈД. Перформансот, кој патем го чествува Светскиот ден на музиката, традиционално ќе се одржи на 22 јуни, во 21 часот, во Градскиот парк во Скопје, а за неговата визуелна страна овој пат ќе се погрижат ликовните уметници Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо.

По минатогодишното посегање по творештвото на еден од најзначајните ликови од досегашната историја на рокенролот, Дејвид Боуви, повеќе од логично е што Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар Скопје, за 10-годишниот јубилеј на мултимедијалната манифестација „Види музика, слушни слика, добиј книга“ се решија да се фокусираат на опусот на еден од најзначајните британски и светски бендови – ПИНК ФЛОЈД. На она што Сид Барет, Роџер Вотерс, Ник Мејсон, Ричард Рајт и Дејвид Гилмор, го изнедрија од себе во периодот од формирањето во 1964 година во Кембриџ, па безмалку до денешни дни притоа минувајќи низ бројни фази - психоделија, прогресива, концептуална звучност, та ако милувате сè до меинстрим, така менувајќи ја музиката на 20 век воопшто.

Од таму, мнозина поклоници на бендот од времињата наназад и оние кои допрва ќе се обидуваат да го откриваат нивното реално влијание, сигурно со нагласено љубопитство ќе го проследат перформансот во кој фокусот е на симфоничноста на понудата – нешто што со гордост пред безмалку две децении едноподруго го правеа Кралскиот симфониски оркестар или Лондонскиот симфониски оркестар и слични ансамбли по светот. И се разбира притоа и не може многу да се мудрува при одбирот. Тој е сторен со акцент на „железниот репертоар“ на ПИНК ФЛОЈД – класиците како: „Shine On You Crazy Diamond“, „Money“, „Us and Them“, „Another Brick in The Wall“, „Wish You Were Here“, „Speak To Me“, „Breathe“, „On The Run“, песните од богатиот опус што разбирливо ќе ја разгалат публиката, но и со мудро навраќање на плодовите на баретовата имагинација како „Astronomy Domine“.

„Имав доста дилеми по кој пат да тргнам во правењето на оркестрациите, бидејќи за оваа музика веќе има готови партитури од бројни ансамбли по светот. Одлучив да се држам до познатите нешта, но и да креирам нешто свое, нешто наше. Песните во основа, горе – долу, се скоро исти како оригиналните, меѓутоа се користат сите бои и текстури коишто можат да произлезат од еден голем ансамбл и мислам дека на еден, слободно можам да кажам, неконвенционален начин на делување на оркестарот успеавме да стигнеме до една навистина убава звучна боја. Се надевам дека тоа и публиката ќе може да го почувствува и на еден ваков начин да ги доживее ПИНК ФЛОЈД“, вели маестро Џијан Емин, автор на оркестрациите и диригент со Македонската филхармонија.

Инаку, Оркестарот како и во годините наназад ќе биде засилен со неколкумина врвни инструменталисти како Александар Поп Христов (електрична гитара), Иван Бејков (електричен бас), Мартин Вучиќ (тапани), Благоја Перуновски (клавир), Маријана Николовска (синтизајзери) и други.

Како главен вокалист и гитарист и овој пат ќе се појави Ади Имери, кој знае да каже дека за него е неверојатна привилегија да се учествува на еден ваков настан и со еден ваков оркестар и диригент како Емин.

„Кога „рикнаа“ првите четири ноти на мојава гитара на „Shine On You Crazy Diamond“ се потсетив на моментот кога бев четврто одделение и кога во мојата детска соба го слушнав истиот тој мотив. Тоа беше знак од Господ дека целиот мој живот ќе се бавам со музика. Не е ни случајност зашто сум повторно повикан за оваа работа. И ПИНК ФЛОЈД ми биле и се неистечен дел од моето музичко ДНК. Музика којашто опсесивно и со часови, денови и години сум ја слушал. Не често човек има можност по втор пат да си го оствари сонот од детството и тоа со истата екипа, со истиот ентузијазам и истиот израз - симфониски оркестар и бенд. Тоа е неповторливо чувство“, вели тој.

Инаку, акустично-електричниот звучен проект и годинава ќе биде збогатен со ликовен перформанс, кога на две големи платна инспирирани од вечната музика на ПИНК ФЛОЈД ќе сликаат ликовните уметници Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо.

Љубителите на пишаниот збор пак, бесплатно ќе можат да добијат примерок од книгата „За одењето по мраз“ од култниот германски режисер и сценарист Вернер Херцог.