„Риал њуз“: Грција ќе го предложи името „Вардарска Македонија“

Грчкиот неделник „Real News“ ги пренесува предлозите на грчката влада околу спорот за името

Вардарска Македонија ќе биде грчкиот предлог до македонската влада за решавање на спорот за името, пренесува грчкиот неделник „Риал њуз“. Според весникот, грчката влада смета дека географската одредница „вардарска“ би ги исклучила сите иредентистички барања од македонска страна.

Според неделникот, алтернативен предлог на грчката страна можно е да биде и „Република Скопје“, кој македонската страна го има одбиено во преговорите во претходните години.

Предлозите според весникот им се познати и на македонската влада и на медијаторот Метју Нимиц.

Предлозите за името доаѓаат во пресрет на посетата на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас на Скопје. Посетата се очекува да биде кон крајот на август, а во нејзин фокус ќе бидат мерките за градење доверба и одржување на добрата клима меѓу двете страни.

Извори од грчката влада за весникот велат дека за спорот за името суштински ќе се разговара по германските избори, бидејќи се смета дека Берлин игра клучна улога во регионот.

.