Груевски: Народот допрва ќе ја види разликата меѓу СДС и ВМРО

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски обраќајќи се пред присутните членови и активисти на партијата, по повод 27-от роденден на партијата истакна дека партијата била и ќе биде единствениот браник за заштита на државноста на Република Македонија. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ моментално е во опозиција и оти тоа е вештачки направено за да се донесе на власт партија која ќе спроведе интересите на други центри на моќ.

„ Како партија сме единствени кога се поставува државниот пред личниот и партиски интерес. Единствени во непоколебливоста, истрајноста и борбатаза стратешките интереси на државата и нацијата. Единствени кои независно, автономно, суверено ги носиме нашите одлуки за клучните прашања за Македонија. Единствени кои се спротивставија кога сите се плашеа. Единствени во многу одлуки кои не прават посилни и повредни и заради кои народот на слободни избори не бираше и гласаше, рече Груевски на синоќешната прослава во Музејот на македонската револуционерна борба.

Груевски рече дека ќе дојде брзо денот кога ВМРО ќе се врати и ќе покаже зрелост и одговорност повторно да ја води Македонија кон нови успеси и кон нови подвизи. Најави дека на партијата и следи внатрешна реформа во однос на повеќе прашања, со цел да се подобри во сите делови каде што се утврдиле пропусти во минатото.